Дела на апостолите 3:1-26

3  Петар и Јован одеа на молитва во храмот, во деветтиот,* молитвениот час.+  А луѓето токму донесуваа еден човек сакат од мајчината утроба,+ кого секојдневно го ставаа пред храмската врата, која се викаше Красна,+ да проси милостина од оние што влегуваа во храмот.+  Кога ги здогледа Петар и Јован, кои токму влегуваа во храмот, ги замоли да му дадат милостина.+  А Петар, заедно со Јован, погледна право во него+ и рече: „Погледни нѐ!“  И додека човекот внимателно ги гледаше, очекувајќи да добие нешто од нив,  Петар рече: „Сребро и злато немам, но она што го имам, тоа ти го давам:+ во името на Исус Христос Назареќанецот,+ оди!“+  Тогаш го фати за десната рака+ и го поткрена. И веднаш му се зацврстија стапалата и глуждовите.+  И скокна,+ застана на нозе и почна да оди, па влезе со нив во храмот+ одејќи, потскокнувајќи и фалејќи го Бог.  И сите+ го видоа како оди и го фали Бог. 10  А го препознаа дека тоа беше оној што седеше на храмската Красна+ Порта и просеше милостина, па се зачудија и се восхитија+ поради она што му се случи. 11  Додека човекот се држеше за Петар и Јован, сите луѓе беа зачудени и поитаа кон нив на местото наречено Соломонов трем.+ 12  Кога го виде тоа, Петар им рече на луѓето: „Луѓе Израелци, зошто се чудите на ова и зошто гледате во нас небаре со своја сила или богобојазливост сме направиле овој да оди?+ 13  Богот на Авраам и на Исак и на Јаков,+ Богот на нашите прататковци, го прослави+ својот Слуга,+ Исус, кого вие го предадовте+ и од кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој веќе беше решил да го пушти.+ 14  Да, вие се одрековте од тој светец и праведник+ и баравте да ви биде ослободен човек кој беше убиец,+ 15  а го убивте Главниот Застапник на животот.+ Но Бог го подигна од мртвите — за тоа сме ние сведоци.+ 16  Затоа неговото име — преку нашата вера во неговото име — го зајакна овој човек, кого го гледате и го познавате, и верата што ја имаме преку него му го врати на овој човек потполното здравје пред сите вас. 17  И сега, браќа, знам дека тоа го направивте во незнаење,+ исто како и вашите поглавари.+ 18  Но Бог така го исполни она што го навести преку устата на сите пророци, дека неговиот Христос* ќе страда.+ 19  Според тоа, покајте се+ и обратете се+ за да ви бидат избришани гревовите,+ за да дојдат времиња на закрепнување+ од лицето на Јехова 20  и тој да ви го испрати Христос, кој ви е одреден, Исус, 21  кого небото мора да го задржи+ до времињата кога ќе се обнови+ сето она за кое Бог зборуваше преку своите свети пророци+ од старо време. 22  Всушност, Мојсеј рече: ‚Јехова Бог ќе ви подигне меѓу вашите браќа пророк како што сум јас.+ Него слушајте го во сѐ што ќе ви зборува!+ 23  И секоја душа која нема да го послуша тој Пророк, ќе биде погубена, и така ќе биде отстранета од народот‘.+ 24  А и сите пророци, кои зборуваа од Самоил наваму, ги навестуваа тие денови.+ 25  Вие сте синови+ на пророците и на сојузот што Бог го склучи со вашите прататковци кога му рече на Авраам: ‚Преку твоето потомство ќе бидат благословени сите народи на земјата‘.+ 26  Подигнувајќи го својот Слуга, Бог најпрво го испрати кај вас+ за да го благослови секого од вас, одвраќајќи го од неговите зли дела“.

Фусноти

Околу 15 часот, според нашето сметање на времето.
Или: „Помазаник, Месија“. Види ја фуснотата за Мт 2:4.