Лука 1:1-80
1 Мнозина се трудеа да состават извештај за настаните+ во кои ние се уверивме —
2 точно како што ни ги пренесоа оние што од почетокот+ беа очевидци+ на тие настани и објавители на пораката+ —
3 па и јас, честити Теофиле,+ откако внимателно испитав сѐ од почетокот, решив да ти напишам тебе сѐ по ред,*+
4 за да се увериш дека поуката што ја слушаше* е достојна за доверба.+
5 Во деновите на Ирод,*+ царот на Јудеја, живееше еден свештеник по име Захарија, од групата на Авија.+ Жена му беше од ќерките на Арон+ и се викаше Елисавета.
6 Обајцата беа праведни+ пред Бог, зашто живееја* непорочно+ според сите Јеховини+ заповеди+ и закони.+
7 Но немаа деца, бидејќи Елисавета беше неротка,+ а обајцата беа во поодминати години.
8 Еднаш, додека Захарија ја извршуваше свештеничката служба пред Бог, бидејќи ѝ беше редот на неговата група,+
9 со ждрепка му се падна, според свештеничкиот обичај, да влезе во Јеховиното светилиште+ и да принесе темјан.+
10 Додека тој принесуваше темјан, целиот народ се молеше надвор.+
11 Тогаш му се појави Јеховин ангел. Стоеше од десната страна на кадилниот жртвеник.+
12 Кога го здогледа, Захарија се вознемири и страв го обзеде.+
13 Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твоите сесрдни молитви се услишени,+ и твојата жена Елисавета ќе ти роди син! Дај му го името Јован.+
14 Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и мнозина ќе се зарадуваат+ на неговото раѓање,
15 зашто тој ќе биде голем во очите на Јехова.+ Но не смее да пие вино ни опоен пијалак.+ Ќе биде исполнет со свет дух уште од мајчината утроба.+
16 Многу Израелови синови ќе ги врати кај Јехова,+ нивниот Бог.
17 И ќе оди пред Бог полн со дух и со сила како Илија,+ за да ги обрати срцата на татковците кон децата+ и непослушните кон мудроста на праведните, да подготви за Јехова+ спремен народ“.+
18 А Захарија му рече на ангелот: „Како да бидам сигурен во тоа? Зашто, јас сум стар+ и жена ми е во поодминати години“.
19 Ангелот му одговори: „Јас сум Гавриел,+ кој стои пред Бог. Испратен сум да зборувам+ со тебе и да ти ја објавам оваа добра вест.
20 И еве, ќе онемиш+ и не ќе можеш да зборуваш сѐ до оној ден додека тоа не се случи, зашто не поверува на моите зборови, кои ќе се исполнат во свое време“.
21 А народот го чекаше Захарија+ и се чудеше зошто толку се задржа во светилиштето.
22 Кога најпосле излезе, не можеше да им каже ништо, па сфатија дека во светилиштето имал видение.+ Се обиде со знаци да се разбере со нив, но остана нем.
23 А кога изминаа деновите на неговата служба,+ си отиде дома.
24 По тие дни, неговата жена Елисавета забремени.+ Пет месеци не излегуваше од дома и велеше:
25 „Ова ми го направи Јехова во овие денови кога ми се смилува и го симна од мене срамот меѓу луѓето“.+
26 Кога беше во шестиот месец на бременоста, Бог го испрати ангелот Гавриел+ во галилејскиот град Назарет
27 кај една девица која беше свршена за човек од домот на Давид, кој се викаше Јосиф. Девицата+ се викаше Марија.+
28 Кога влезе кај неа, ангелот рече: „Здраво,+ со милост обдарена, Јехова+ е со тебе!“+
29 А таа се уплаши од тие зборови и почна да размислува што би можел да значи тој поздрав.
30 Но ангелот ѝ рече: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла милост+ кај Бог.
31 Еве, ќе забремениш и ќе родиш син.+ Дај му го името Исус.+
32 Тој ќе биде голем+ и ќе биде наречен Син на Севишниот.+ Јехова Бог ќе му го даде престолот+ на Давид, неговиот татко,+
33 и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“.+
34 А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога уште не сум легнала со маж?“+
35 Ангелот ѝ одговори: „Светиот дух+ ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето,+ Син Божји.+
36 Еве, и твојата роднина Елисавета, која ја нарекуваат неротка,+ зачна син на старост, и ова ѝ е шести месец.
37 Зашто, за Бог ништо од она што ќе го каже, не е невозможно“.+
38 Тогаш Марија рече: „Еве ја Јеховината робинка!+ Нека ми биде според твоите зборови!“ И ангелот отиде откај неа.
39 Во тие денови Марија стана и брзо отиде во еден град во јудејските планини.
40 Влезе во куќата на Захарија и ја поздрави Елисавета.
41 Кога Елисавета го чу поздравот на Марија, детето во нејзината утроба потскокна. И Елисавета се исполни со свет дух
42 и извика на сет глас: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен+ е плодот на твојата утроба!
43 Со што сум ја заслужила оваа чест, мајката на мојот Господар+ да дојде кај мене?
44 Зашто, еве, кога гласот на твојот поздрав дојде до моите уши, детето во мојата утроба потскокна од голема радост.+
45 Среќна е онаа што поверувала, бидејќи ќе се исполни+ сето она што ѝ го рече Јехова!“+
46 А Марија рече: „Мојата душа го велича Јехова,+
47 и мојот дух воскликнува од радост+ поради Бог, мојот Спасител,+
48 бидејќи ја погледна својата безначајна робинка.+ Гледај, отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат среќна,+
49 бидејќи Силниот направи големи дела за мене, и свето е неговото име.+
50 Од поколение во поколение е милостив кон оние што се бојат од него.+
51 Моќни дела направи со својата рака,+ ги распрсна оние на кои замислите во срцето им се вообразени.+
52 Ги собори моќниците+ од нивните престоли, а ги возвиши безначајните,+
53 гладните ги насити со добро,+ а богатите ги отпушти празни.+
54 Му дојде на помош на Израел, својот слуга,+ сеќавајќи се на милоста,+
55 која им ја вети на нашите прататковци: дека засекогаш ќе биде милостив кон Авраам и кон неговото потомство“.+
56 Така Марија остана кај неа околу три месеци, а потоа се врати дома.
57 А на Елисавета ѝ дојде време да роди, и роди син.
58 А соседите и нејзините роднини слушнаа дека Јехова ѝ покажал голема милост,+ и се радуваа+ со неа.
59 А на осмиот ден дојдоа да го обрежат детето,+ и сакаа да му го дадат името Захарија, по неговиот татко.
60 Но неговата мајка се спротивстави: „Не, туку ќе се вика Јован!“
61 Тогаш ѝ рекоа: „Никој од твоите роднини не се вика така“.
62 Потоа со знаци го прашаа татко му како би сакал да се вика.
63 А тој побара плочка и напиша: „Јован+ му е името“. Тогаш сите се зачудија.
64 И веднаш му се отвори устата+ и му се одврза јазикот, па почна да зборува, благословувајќи го Бог.
65 И страв ги обзеде сите нивни соседи. По сите јудејски планини почна да се зборува за сето тоа,
66 и сите што слушнаа, размислуваа за тоа+ и се прашуваа: „Што ќе стане од тоа дете?“ Зашто, беше јасно дека со него беше Јеховината рака.+
67 А татко му Захарија се исполни со свет дух,+ па почна да пророкува:+
68 „Нека е благословен Јехова, Богот на Израел,+ зашто му се смилува на својот народ+ и го избави!+
69 И ни подигна рог+ на спасението* во домот на Давид, својот слуга,
70 како што зборуваше преку устата на своите свети пророци од дамнина,+
71 дека ќе бидеме спасени од нашите непријатели и од раката на сите што нѐ мразат.+
72 Кон нас покажа милосрдие, како што им вети на нашите прататковци, и се сети на својот свет сојуз,+
73 на заклетвата со која му се заколна на Авраам, нашиот прататко,+
74 дека, кога ќе бидеме избавени од раката на непријателот,+ ќе ни дозволи бестрашно да му служиме*+
75 во лојалност и праведност пред него во сите наши денови.+
76 А ти, дете, ќе бидеш наречено пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Јехова за да му ги подготвиш патиштата,+
77 за да го поучиш неговиот народ за спасението, кое доаѓа преку проштавање на нивните гревови,+
78 поради длабокото сочувство на нашиот Бог. Поради тоа сочувство ќе ни дојде разденување+ од висините,+
79 за да им донесе светлина на оние што седат во темнина и во сенката на смртта,+ за да ги доведе нашите нозе на патот на мирот“.
80 А детето растеше+ и јакнеше во духот. Живееше во пустината сѐ до денот кога му се покажа на Израел.
Фусноти
^ Или: „по логичен редослед“.
^ Буквално: „она за кое си усно поучен“.
^ Буквално: „одеа“.
^ Или: „моќен Спасител“.
^ Или: „вршиме света служба“.