Матеј 5:1-48

5  Кога го виде народот, се качи на планината. И кога седна, неговите ученици се приближија до него.  Тој проговори и почна да ги поучува:  „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби,*+ зашто нивно е царството небесно.+  Среќни се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени.+  Среќни се кротките,*+ зашто ќе ја наследат земјата.+  Среќни се оние што гладуваат и жедуваат+ за праведност, зашто ќе се наситат.+  Среќни се милосрдните,+ зашто ќе им биде покажано милосрдие.  Среќни се оние што имаат чисто срце,+ зашто ќе го видат Бог.+  Среќни се миротворците,+ зашто ќе бидат наречени Божји синови.+ 10  Среќни се оние што се прогонувани+ поради праведноста, зашто нивно е небесното царство. 11  Среќни сте кога поради мене ве навредуваат+ и ве прогонуваат+ и лажно ви припишуваат секакви зла. 12  Радувајте се и воскликнувајте,+ зашто голема е вашата награда+ на небесата. Зашто, така ги прогонуваа и пророците+ пред вас. 13  Вие сте солта+ на земјата. Но, ако солта стане несолена, како ќе ѝ се обнови соленоста? Таа веќе не е за ништо друго, освен да се фрли надвор+ и да ја газат луѓето. 14  Вие сте светлината на светот.+ Не може да се скрие град кој се наоѓа на планина. 15  Светилка не се пали за да се стави под кошница,*+ туку на светилник, па им свети на сите во куќата. 16  Така нека свети вашата светлина+ пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела+ и да го слават+ вашиот Татко, кој е на небесата. 17  Немојте да мислите дека дојдов да ги обезвреднам Законот+ или Пророците. Не дојдов да обезвреднам, туку да исполнам.+ 18  Зашто, вистина, ви велам, побргу ќе исчезнат небото и земјата+ отколку да изчезне од Законот најмалата буква или делче од буква, а сето тоа да не се исполни.+ 19  Според тоа, кој ќе прекрши+ една од овие најмали заповеди, и така ги научи луѓето, тој ќе биде наречен најмал* во небесното царство.+ А секој што ги извршува и поучува+ други за нив, тој ќе биде наречен голем*+ во небесното царство. 20  Зашто, ви велам, ако вашата праведност не биде поголема од праведноста на книжниците и фарисеите,+ нема да влезете+ во небесното царство. 21  Чувте дека на старите им беше речено: ‚Не убивај!+ Кој ќе убие,+ ќе одговара пред суд‘.+ 22  А јас ви велам: секој што упорно се гневи+ на својот брат, ќе одговара+ пред суд. А оној што ќе го нарече својот брат со навредливо име, ќе одговара пред највисокиот суд. А оној што ќе му рече дека не заслужува да живее, и самиот би можел да се најде во огнот на геената.*+ 23  И така, ако го носиш својот дар на жртвеникот+ и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе,+ 24  остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот,+ а потоа врати се и принеси го својот дар.+ 25  Брзо реши го спорот со оној што те тужи, додека уште си со него на пат кон судот, за да не те предаде твојот тужител+ на судијата, а судијата на стражарот, па да те фрлат в затвор. 26  Вистина, ти велам, нема да излезеш оттаму додека не ја исплатиш и последната паричка.*+ 27  Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба!‘+ 28  А јас ви велам: секој што гледа во жена+ со страст, веќе извршил прељуба+ со неа во своето срце.+ 29  Според тоа, ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе.+ Зашто, подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото отколку целото твое тело да биде фрлено во геената.+ 30  И ако твојата десна рака те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе.+ Зашто, подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото отколку целото твое тело да се најде во геената. 31  Освен тоа, било речено: ‚Кој ќе се разведе+ од својата жена, нека ѝ даде потврда за развод‘.+ 32  А јас ви велам: секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд,+ ја наведува на прељуба.+ И секој што ќе се ожени со разведена жена, врши прељуба.+ 33  Сте го чуле уште и тоа дека на старите им било речено: ‚Не заколнувај се+ лажно, туку исполнувај ги своите завети пред Јехова‘.+ 34  А јас ви велам: не заколнувајте се+ никако, ниту во небото, бидејќи е Божји престол,+ 35  ниту во земјата, бидејќи е подножје+ на неговите нозе, ниту во Ерусалим, бидејќи е град на великиот Цар.+ 36  Не заколнувај се ни во својата глава, бидејќи не можеш ниту едно влакно да го направиш бело или црно. 37  Затоа кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе речете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘.+ Што е повеќе од тоа, од Злобниот е.+ 38  Сте чуле дека било речено: ‚Око за око и заб за заб‘.+ 39  А јас ви велам: не спротивставувајте му се на оној што е злобен. Напротив, ако некој ти удри шлаканица по десниот образ,+ сврти му го и другиот. 40  И ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката.+ 41  И ако некој што има власт те присили да одиш една милја,* оди со него две.+ 42  Ако некој ти побара нешто, дај му, и не свртувај се од оној што сака од тебе да земе на заем без камата.+ 43  Сте чуле дека било речено: ‚Сакај го својот ближен+ и мрази го својот непријател!‘+ 44  А јас ви велам: сакајте ги своите непријатели+ и молете се за оние што ве прогонуваат,+ 45  за да бидете синови на својот Татко кој е на небесата,+ бидејќи тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните.+ 46  Зашто, ако ги сакате оние што ве сакаат вас, каква ви е платата?+ Зарем не го прават истото и даночниците? 47  И ако ги поздравувате само своите браќа, правите ли нешто посебно? Зарем не го прават истото и незнабошците? 48  Според тоа, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.+

Фусноти

Или: „оние што чувствуваат духовен глад; оние што се свесни дека им е потребен Бог (Божје водство)“. Буквално: „бедните по дух“, или: „кои [од Бог] просат дух“.
Или: „оние што имаат благ нарав“.
Или: „мерна кошница“. Станува збор за поголема кошница што се користела како мера за жито.
Односно: „ќе биде достоен да влезе“.
Односно: „нема да биде достоен да влезе“.
Види го додатокот 4.
Буквално: „и последниот квадрант“. Шеесет и четврти дел од еден денариј. Види го додатокот 13.
Станува збор за римската милја која била долга 1.479,5 метри. Види го додатокот 13.