1. Мојсеева 26:1-35
26 Во земјата завладеа глад, покрај оној првиот глад што беше во деновите на Авраам,+ па Исак тргна да оди кај Авимелех, царот на Филистејците, во Герар.+
2 Тогаш му се појави Јехова и му рече:+ „Не слегувај во Египет. Логорувај во земјата што ќе ти ја покажам.+
3 Живеј како дојденец во оваа земја,+ а јас и понатаму ќе бидам со тебе и ќе те благословувам, зашто тебе и на твоето семе ќе ви ги дадам сите овие земји,+ и ќе ја исполнам заклетвата со која му се заколнав на татко ти Авраам:+
4 ,Ќе го намножам твоето потомство како ѕвездите на небото и на твоето потомство ќе му ги дадам сите овие земји,+ и преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата‘,+
5 зашто Авраам го слушаше мојот глас, ги извршуваше своите обврски кон мене и ги држеше моите заповеди, одредби и закони“.+
6 Така Исак остана да живее во Герар.+
7 А кога луѓето од тоа место се распрашуваа за неговата жена, тој велеше: „Таа ми е сестра“.+ Зашто се плашеше да каже: „Жена ми е“, велејќи си: „Луѓето од ова место би можеле да ме убијат поради Ревека“, затоа што беше убава.+
8 И бидејќи таму се задржа подолго, еднаш Авимелех, царот на Филистејците, додека гледаше низ прозорецот, забележа како Исак ја милува својата жена Ревека.+
9 Авимелех веднаш го викна Исак и му рече: „Па таа ти била жена! Како можеше да речеш: ‚Таа ми е сестра‘?“ А Исак му одговори: „Го реков тоа зашто се плашев да не загинам поради неа“.+
10 Но Авимелех продолжи: „Што ни направи?+ За малку некој од народот ќе легнеше со твојата жена, и така ќе ни навлечеше вина!“+
11 Тогаш Авимелех му заповеда на сиот народ: „Кој ќе ги допре овој човек и неговата жена, ќе биде казнет со смрт!“
12 Потоа Исак почна да сее семе во таа земја,+ и во таа година на една мера добиваше и до сто мери,+ бидејќи Јехова го благословуваше.+
13 Така Исак стана богат и сѐ повеќе напредуваше и стануваше сѐ побогат додека не стана многу богат.+
14 И стекна стада овци и говеда и многу слуги,+ така што Филистејците почнаа да му завидуваат.+
15 И Филистејците ги затрупаа и ги наполнија со земја+ сите бунари што, во деновите на неговиот татко Авраам, ги беа ископале слугите на татко му.+
16 Најпосле Авимелех му рече на Исак: „Оди си откај нас зашто стана многу помоќен од нас!“+
17 Така Исак си отиде оттаму и се улогори во Герарската Долина,*+ и таму се насели.
18 И Исак повторно ги ископа бунарите за вода што беа ископани во деновите на татко му Авраам, а кои Филистејците ги затрупаа по смртта на Авраам.+ Тој им ги даде истите имиња што им ги беше дал неговиот татко.+
19 Слугите на Исак и понатаму копаа во таа долина, и така најдоа еден бунар со пивка вода.
20 А пастирите од Герар почнаа да се караат со пастирите на Исак,+ велејќи: „Водата е наша!“ Затоа на тој бунар му го даде името Есек,* бидејќи тие се караа со него.
21 Потоа ископаа друг бунар, па се скараа и за него. Затоа го нарече Ситна.*
22 Оттаму си отиде и ископа уште еден бунар,+ но околу него не се караа. Затоа го нарече Реховот* и рече: „Зашто сега Јехова ни даде доволно простор+ и нѐ направи плодни на земјата“.+
23 Оттаму отиде во Вирсавеја.+
24 Истата таа ноќ му се појави Јехова и му рече: „Јас сум Богот на твојот татко Авраам.+ Не плаши се,+ зашто јас сум со тебе, и ќе те благословам и ќе го намножам твоето потомство поради мојот слуга Авраам!“+
25 Затоа Исак таму подигна жртвеник и го повика* името на Јехова.+ Таму го распна својот шатор,+ а неговите слуги почнаа и таму да копаат бунар.
26 А од Герар дојде кај него Авимелех со својот доверлив пријател Охозат и со Фихол, заповедникот на неговата војска.+
27 А Исак ги праша: „Зошто дојдовте кај мене кога ме мразите и кога ме истеравте откај вас?“+
28 А тие му одговорија: „Јасно гледаме дека Јехова е со тебе.+ Затоа решивме да те замолиме: ‚Да се заколнеме едни на други,+ со заклетва меѓу нас и тебе, и да склучиме сојуз со тебе+
29 дека нема да ни направиш ништо лошо, како што и ние не те допревме тебе, туку ти правевме само добро и те пуштивме да си одиш во мир!+ Сега ти си благословениот од Јехова‘ “.+
30 Тогаш тој им приреди гозба, па јадеа и пиеја.+
31 Следното утро станаа рано и се заколнаа едни на други.+ Потоа Исак ги испрати, и тие си отидоа откај него во мир.+
32 Во истиот ден слугите на Исак дојдоа да го известат за бунарот што го беа ископале,+ па му рекоа: „Најдовме вода!“
33 А тој го нарече Савеа. Затоа градот до ден-денес се вика Вирсавеја.+
34 Кога имаше четириесет години, Исав ги зеде за жени Јудита, ќерката на Веири Хетеецот, и Васемата, ќерката на Елон Хетеецот.+
35 Тие им го загорчуваа животот* на Исак и Ревека.+
Фусноти
^ Види го додатокот 12.
^ „Есек“ значи „натпревар; караница“.
^ „Ситна“ значи „обвинение“.
^ „Реховот“ значи „широки простори“.
^ Или: „го објавуваше (го проповедаше) “.
^ Буквално: „духот“.