2. Мојсеева 18:1-27

18  А Јотор, мадијамскиот свештеник, тестот на Мојсеј,+ слушна за сѐ што беше направил Бог за Мојсеј и за својот народ Израел, како Јехова го изведе Израел од Египет.+  Тогаш Мојсеевиот тест Јотор ја зеде Сепфора, жената на Мојсеј, која тој ја имаше испратено назад,  како и двата нејзини сина.+ Едниот се викаше Гирсом,*+ зашто беше рекол: „Дојденец сум во туѓа земја“,  а другиот се викаше Елиезер,*+ зашто рече: „Богот на татко ми е мојот помошник и тој ме избави од мечот на фараонот“.+  Така Јотор, Мојсеевиот тест, дојде со неговите синови и со неговата жена кај него во пустината кај планината на вистинскиот Бог, каде што Мојсеј беше улогорен.+  И му порача на Мојсеј: „Јас, твојот тест Јотор,+ доаѓам кај тебе со твојата жена и со двата нејзини сина“.  Мојсеј веднаш му излезе во пресрет на својот тест, му се поклони и го бакна.+ Откако се распрашаа за здравјето, влегоа во шаторот.  И Мојсеј му раскажа на својот тест за сѐ што им направи Јехова на фараонот и на Египет заради Израел,+ за сите неволји што ги снајдоа по патот+ и како Јехова ги избавуваше.+  Јотор се радуваше на сето добро што Јехова му го беше направил на Израел, избавувајќи го од раката египетска.+ 10  Тогаш Јотор рече: „Да е благословен Јехова, кој ве избави вас од раката египетска и од раката на фараонот, и кој го избави народот од раката египетска.+ 11  Сега знам дека Јехова е поголем од сите други богови,+ зашто гледам што сѐ им се случи на Египќаните кога постапуваа дрско со Израел“. 12  Тогаш Мојсеевиот тест Јотор донесе жртва паленица и други жртви за да му бидат принесени на Бог.+ И дојдоа Арон и сите старешини од Израел да јадат со тестот на Мојсеј пред вистинскиот Бог.+ 13  А утредента седна Мојсеј како и обично да му суди на народот.+ И народот стоеше пред Мојсеј од утро до мрак. 14  Тестот на Мојсеј виде сѐ што правеше тој за народот, па му рече: „Што правиш така со народот? Зошто седиш сам, а сиот народ стои пред тебе од утро до мрак?“ 15  А Мојсеј му одговори на својот тест: „Затоа што народот доаѓа кај мене за да го праша Бог за совет.+ 16  Ако имаат некаков спор,+ го изнесуваат пред мене за да пресудам меѓу едната и другата страна и да ги објавам одлуките на вистинскиот Бог и неговите закони“.+ 17  Тогаш тестот му рече на Мојсеј: „Не е добро да правиш така. 18  Ќе се исцрпиш и ти и народот што е со тебе, зашто таа работа е преголем товар за тебе.+ Сам не можеш да ја извршуваш.+ 19  Затоа послушај ме сега.+ Ќе те советувам, и Бог ќе биде со тебе.+ Ти застапувај го народот пред вистинскиот Бог+ и изнесувај ги пред Бог нивните спорови.+ 20  Поучи ги за уредбите и законите,+ покажи им го патот по кој треба да одат и она што треба да го прават.+ 21  Но, од сиот народ одбери луѓе способни,+ богобојазливи,+ доверливи,+ кои мразат неправедна добивка,+ и постави ги за поглавари, за илјаданачалници,+ стотници, педесетници и десетници.+ 22  Тие нека му судат на народот секогаш кога ќе биде потребно. Секој поголем спор нека ти го изнесат тебе,+ а во секој помал спор нека пресудат самите. Така олесни си го товарот, а тие нека го носат со тебе.+ 23  Ако направиш вака и ако Бог ти го одобри тоа, тогаш ќе можеш да издржиш, а сиот овој народ ќе си оди дома во мир“.+ 24  Мојсеј веднаш го послуша својот тест и направи сѐ што му рече тој.+ 25  И Мојсеј избра способни луѓе од целиот Израел и ги постави за поглавари над народот:+ илјаданачалници, стотници, педесетници и десетници. 26  И тие му судеа на народот секогаш кога беше потребно. Потешките спорови ги изнесуваа пред Мојсеј,+ а во сите помали, пресудуваа сами. 27  Потоа Мојсеј го испрати својот тест,+ и тој си отиде во својата земја.

Фусноти

„Гирсом“ значи „дојденец во туѓа земја“.
„Елиезер“ значи „Мојот Бог е помошник“.