Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИДЕТЕ БУДНИ!

Бегалска криза — милиони бегаат од Украина

Бегалска криза — милиони бегаат од Украина

 На 24 февруари 2022, Русија изврши воена инвазија врз Украина поради што дојде до тешка хуманитарна криза — голем број цивили бегаат од завојуваните подрачја. a

 „Насекаде имаше бомби и експлозии. Беше ужасно, не се опишува со зборови. Кога дознавме дека има возови за евакуација, решивме да си заминеме. Секој од нас можеше да понесе само по еден мал ранец. Можевме да земеме само документи, лекови, вода и по нешто за јадење. Сѐ друго оставивме зад себе и тргнавме накај железничката станица, а околу нас паѓаа бомби“ (Наталија од Харков, Украина).

 „До последниот момент си мислевме дека нема да дојде до војна. Во другите делови од градот се слушаа експлозии, а прозорците се тресеа. Решив да заминам. Го спакував само најнеопходното. Излегов од дома во 8:00 и се качив на воз за Лавов, а од таму заминав со автобус во Полска“ (Надја од Харков, Украина).

Во оваа статија

 Кои се вистинските причини за оваа бегалска криза?

 Бегалската криза во Украина почна по воената инвазија од страна на Русија. Меѓутоа, Библијата открива дека има други, подлабоки причини за сите вакви бегалски кризи:

  •  Сите човечки влади во светот се покажале како неуспешни. Оние што се на власт честопати ја злоупотребуваат моќта за да ги угнетуваат луѓето (Проповедник 4:1; 8:9).

  •  Сатана Ѓаволот, „владетелот на светот“, има многу лошо влијание врз човештвото. Во Библијата пишува: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (Јован 14:30; 1. Јованово 5:19).

  •  Освен проблемите што со векови ги мачат луѓето, сега живееме во еден период за кој во Библијата е проречено: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Исто така, пишува дека во последните денови ќе има војни, природни катастрофи, недостиг на храна и болести — работи поради кои луѓето се принудени да бегаат (Лука 21:10, 11).

 Каде можат бегалците да најдат надеж?

 Од Библијата дознаваме дека нашиот Творец, Јехова, b е Бог кој има љубов и сочувство кон бегалците и луѓето што мораат да ги остават своите домови (5. Мојсеева 10:18). Тој ветува дека ќе ги реши проблемите на бегалците преку својата небесна влада, наречена Божје Царство, која ќе ги замени сите човечки влади (Даниел 2:44; Матеј 6:10). Преку ова Царство Јехова ќе го уништи Сатана Ѓаволот (Римјаните 16:20). Божјето Царство ќе владее над целата Земја и ќе ги избрише сите државни граници што прават поделби меѓу луѓето. Луѓето низ целиот свет ќе бидат едно обединето семејство. Никој повеќе не ќе мора да бега од својот дом. Во Библијата го наоѓаме ова ветување: „Секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши, зашто тоа се зборови од устата на Јехова над војските“ (Михеј 4:4).

 Само Божјето Царство има трајно решение за бегалските кризи на кои сме сведоци денес. Преку своето Царство, Јехова ќе им стави крај на проблемите поради кои луѓето мораат да живеат како бегалци. Да разгледаме неколку примери за ова:

 Може ли Библијата да им помогне на бегалците?

 Да. Библијата не само што им дава сигурна надеж на бегалците туку може и да им помогне со проблемите што ги имаат сега.

 Библиско начело: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).

 Што значи ова: Размисли однапред со кои опасности би можел да се соочиш и како да се заштитиш. Чувај се од криминалци кои сакаат да ги искористат неискуството и ранливата состојба на бегалците кога ќе пристигнат во новото место.

 Библиско начело: „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8).

 Што значи ова: Немој да се концентрираш на материјалните работи. Ако си задоволен со основното, ќе бидеш посреќен.

 Библиско начело: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12).

 Што значи ова: Биди стрплив и љубезен. Така локалното население полесно ќе те прифати и ќе те почитува.

 Библиско начело: „Никому не враќајте зло за зло“ (Римјаните 12:17).

 Што значи ова: Не дозволувај гневот што го чувствуваш поради неправдата што ти е нанесена да те наведе да се одмаздуваш. Тоа само уште повеќе ќе ги влоши работите.

 Библиско начело: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13).

 Што значи ова: Бог нека биде важен дел од твојот живот и моли му се. Тој може да ти даде сила да издржиш.

 Библиско начело: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Филипјаните 4:6, 7).

 Што значи ова: Моли го Бог да ти дава внатрешен мир, сеедно во каква ситуација ќе се најдеш. Види ја статијата „Можеш ли да најдеш мир во овој немирен свет?

a Дента по инвазијата, Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) ја окарактеризира оваа бегалска криза како криза од највисок степен. За само 12 дена, повеќе од два милиони бегалци избегаа од Украина во соседните земји, а уште еден милион луѓе се раселени во границите на својата земја.

b Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Видете ја статијата „Кој е Јехова?