Бог ветува дека нашата планета ќе опстане
„Земјата е многу поиздржлива отколку што мислевме.“
Ова бил заклучокот на еден меѓународен тим истражувачи во врска со климатските промени. Ако веруваш во Творец кој се грижи за луѓето, тогаш овој научен заклучок можеби те потсетува на многуте природни процеси кои Бог ги создал за нашата планета самата да се обновува.
Сепак, бидејќи човекот ѝ нанел огромна штета на Земјата, таа самата не може потполно да се обнови. Зошто можеме да бидеме уверени дека Бог ќе преземе нешто во врска со тоа?
Забележи како стиховите кои се наведени во рамката нѐ уверуваат дека Земјата ќе опстане, па дури и дека на неа ќе има идеални услови за живот.
Бог ја создал нашата планета. „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1).
Нашата планета му припаѓа на Бог. „На Јехова a му припаѓа земјата и сѐ што е на неа“ (Псалм 24:1).
Бог ја создал нашата планета за да опстане. „Ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5).
Бог ја создал нашата планета за да постои засекогаш. „Вистинскиот Бог, оној што ја обликува и ја направи земјата... не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18).
Бог ветува дека на нашата планета секогаш ќе живеат луѓе. „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
Бог создал на Земјата процеси кои придонесуваат таа самата да се обновува под услов човекот во разумна мера да ги користи природните ресурси. Библијата прорекува дека Јехова Бог, во време што тој го одредил, ќе ѝ стави крај на експлоатацијата поради која нашата планета се уништува (Откровение 11:18).
Библијата ни ветува дека Бог потполно ќе ја обнови нашата планета и дека ќе ја претвори во прекрасен рај во кој ќе ја отвори својата рака и ќе ја задоволи „желбата на сѐ што е живо“ (Псалм 145:16).
a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18).