ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Божјето Царство
Дали Божјето Царство е само во нашето срце?
„Не си далеку од Божјето царство“ (Марко 12:34)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО
Многу луѓе веруваат во она што го тврди и една од поголемите христијански религии — дека „ако Бог владее во нашето срце, тогаш и Божјето Царство е во нашето срце“.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Царството е вистинска влада, а не само поим со кој се укажува дека некој човек му е подложен на Бог од срце. Божјето Царство ќе владее над целата Земја (Псалм 72:8; Даниел 7:14).
Но, како тогаш да ја разбереме изјавата на Исус: „Царството Божјо е во вас“? (Лука 17:21, Превод на МПЦ). Исус сигурно не сакал да каже дека Царството е во срцата на оние на кои им се обраќал. Зошто? Затоа што во таа прилика Исус им зборувал на фарисеите. Исус рекол дека тие нема да влезат во Царството затоа што Бог не ги прифаќа поради нивното лицемерство (Матеј 23:13). Од таа причина, во други преводи на Библијата на македонски јазик зборовите на Исус се преведени со „меѓу вас“ или „во вашата средина“. a Зошто? Затоа што тој, како иден владетел на Царството, стоел пред нив (Лука 17:21).
Што е Божјето Царство?
„Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Царството е вистинска влада од Бог на чело со Исус Христос (Матеј 28:18; 1. Тимотеј 6:14, 15). Целта на ова Царство е во потполност да се врши Божјата волја на небото и на Земјата (Матеј 6:10). Преку своето Царство Бог ќе ги реши проблемите на луѓето. Тоа ќе го оствари она што човечките институции нема никогаш да го постигнат.
Под Божјето Царство, човештвото ќе живее во мир, сигурност и благосостојба во рајот на Земјата (Псалм 46:9; Исаија 35:1; Михеј 4:4). Никој нема да се разболува и нема да има смрт (Исаија 33:24; Откровение 21:4). Наместо да старееме ќе се подмладуваме. Библијата вели: „Неговото тело нека стане посвежо отколку во младоста, нека се врати во деновите на својата младешка сила!“ (Јов 33:25).
ШТО МОЖЕШ ДА СТОРИШ
Без оглед на твојата раса и култура, можеш да станеш поданик на Божјето Царство ако го правиш она што Бог го бара од тебе. Библијата вели: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
Дали луѓето ќе го воспостават Божјето Царство?
„Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне“ (Даниел 2:44)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО
Некои веруваат дека луѓето ќе го воспостават Божјето Царство на Земјата така што ќе ги преобратат другите во својата вера или ќе се залагаат за мир и единство.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Божјето Царство ќе го воспостави Бог, а не луѓето (Даниел 2:44). Кога било воспоставено Царството, Бог рекол: „Јас го поставив својот цар“ (Псалм 2:6). Ова Царство не е воспоставено од луѓе и тие не можат да го спречат да дејствува затоа што ќе владее од небото над Земјата (Матеј 4:17).
ШТО МОЖЕ ДА ЗНАЧИ ОВА ЗА ТЕБЕ?
Сосема е нормално да сакаме човештвото еден ден да живее во мир и слога. Можеби денес со сите сили ќе се бориш за еден таков свет, но таквите заложби носат само разочарување. Тоа што знаеш дека Бог управува со своето Царство ќе те поттикне да дадеш сѐ од себе за да станеш поданик на тоа Царство.
a Некои од тие преводи се: Свето писмо — превод Нов свет, Радосна Вест и Превод на д-р Д. Х. Константинов.