Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Добри односи со родителите на сопружникот

Добри односи со родителите на сопружникот

ПРЕДИЗВИК

„Кога се соочувавме со еден проблем, жена ми им кажа за тоа на своите родители. Тогаш, татко ѝ ми се јави за да ми даде совет. Тоа воопшто не ми се допадна“ (Џејмс). *

„Свекрва ми често знае да рече: ‚Многу ми недостига син ми!‘ Цело време ми раскажува колку биле блиски, и со тоа ми создава чувство на вина што стапив во брак со него и што сега таа доживува толкава болка“ (Наташа).

Што можеш да направиш за проблемите кои ги имаш со родителите на твојот сопружник да не влијаат врз вашиот брак?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Кога ќе стапат во брак, мажот и жената стануваат ново семејство. Во Библијата пишува дека, кога мажот ќе се ожени, „ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена“. Истото важи и за жената. Во Библијата стои дека, кога мажот и жената ќе стапат во брак, двајцата стануваат „едно тело“, односно ново семејство (Матеј 19:5).

Твојот брак е пред твоите родители. Брачниот советник Џон Готман напишал: „Една основна работа што треба да ја научат оние што се во брак е секогаш да ги земаат предвид мислењето, желбите и чувствата на својот сопружник. За да изградат нераскинлива врска со својот брачен партнер, не можат да бидат толку блиски со родителите и роднините како порано“. *

На некои родители им е тешко да се навикнат на новата ситуација. Еден млад сопруг вели: „Пред да се земеме, жена ми секогаш на прво место ги ставаше желбите на нејзините родители. Но, откако стапивме во брак, мајка ѝ виде дека сега некој друг ѝ е на прво место. Тоа воопшто не ѝ беше лесно да го прифати“.

На некои нововенчани парови им е тешко да се навикнат на новата ситуација. Џејмс, цитиран претходно, вели: „Родителите на сопружникот не можеш самиот да ги избереш. Како што некои велат, ‚имаш двајца нови пријатели без разлика дали тоа ти се допаѓа или не‘. Дури и да те вадат од такт, сепак се дел од фамилијата!“

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Ако имате несогласување околу односите со вашите родители, трудете се заеднички да го решите проблемот. Послушајте го следниов библиски совет: ‚Барајте мир и тежнејте кон него‘ (Псалм 34:14).

За да успеете во ова, размислете за следниве ситуации. Секоја од нив може да се однесува и на мажот и на жената. Начелата изнесени во нив може да ви помогнат да ги надминете проблемите со вашите родители.

Жена ти вели дека сака да имаш подобар однос со нејзината мајка. Но, тебе ти е тешко да излезеш на крај со мајка ѝ.

Предлог: Зборувај за проблемот со својата жена и биди спремен да попуштиш. Имај на ум дека тоа не го правиш заради нејзината мајка, туку заради жена ти — личноста на која си ѝ се заколнал на вечна љубов. Додека разговарате, договорете се кои конкретни работи можеш да ги направиш за да го подобриш односот со нејзината мајка. Ако жена ти види дека вложуваш труд, уште повеќе ќе те почитува. (Библиско начело: 1. Коринќаните 10:24.)

Маж ти вели дека поважно ти е да им угодиш на родителите отколку нему.

Предлог: Зборувај за проблемот со твојот сопруг и обиди се да ги видиш работите од негова гледна точка. Се разбира, маж ти не треба да се вознемирува ако им искажуваш должна почит на твоите родители (Изреки 23:22). Сепак, можеби ќе треба да го увериш и со зборови и со постапки дека тој ти е пред родителите. Ако маж ти е уверен во ова, помала е веројатноста дека ќе се натпреварува со твоите родители за да го добие твоето внимание. (Библиско начело: Ефешаните 5:33.)

Жена ти бара совет од нејзините родители наместо да се советува со тебе.

Предлог: Зборувај со жена ти и заедно договорете се каде треба да се постават граници. Труди се да бидеш разумен. Дали секогаш е погрешно да се разговара со родителите за некој проблем? Кога е соодветно да се направи тоа? Ако и двајцата се согласите да си поставите разумни граници, ова не треба да претставува проблем. (Библиско начело: Филипјаните 4:5.)

^ пас. 4 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 9 Цитат од книгата The Seven Principles for Making Marriage Work.