Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Зошто Библијата е посебна книга?

Зошто Библијата е посебна книга?

Пишувањето на Библијата било завршено пред околу 2.000 години. Оттогаш биле напишани илјадници други книги кои со текот на времето паднале во заборав. Но, не и Библијата. Размисли за следново:

  • Библијата опстанала и покрај тоа што голем број моќни луѓе направиле сѐ за да ја уништат. На пример, во една книга пишува дека во средниот век, токму во некои од земјите што се нарекувале христијански, „секој што имал Библија на својот мајчин јазик и ја читал, бил сметан за еретик и отпадник“ (An Introduction to the Medieval Bible). Оние што ја преведувале Библијата на јазикот на обичниот народ или што ги поттикнувале луѓето да ја читаат, си го ризикувале животот. Некои биле и убиени.

  • Иако толку многу луѓе биле против неа, Библијата станала најиздаваната книга на сите времиња. Целосно или во делови, од неа се испечатени околу пет милијарди примероци на повеќе од 2.800 јазици. Книгите за филозофија, наука и некои други теми не можат ни оддалеку да се споредат со неа, затоа што се печатат во ограничен број и брзо застаруваат.

  • Библијата имала голем придонес во зачувувањето и развојот на некои од јазиците на кои била преведена. На пример, преводот на Мартин Лутер извршил големо влијание врз германскиот јазик. За првото издание на преводот King James Version се вели дека е „веројатно највлијателната книга што некогаш била издадена“ на англиски јазик.

  • Библијата „извршила силно влијание врз западната култура и тоа не само на полето на религијата туку и на полето на уметноста, литературата, законодавството, политиката и на безброј други полиња“ (The Oxford Encyclopedia of the Books of the Bible).

Ова се само неколку работи по кои Библијата се издвојува од останатите книги. Но, што е тоа што ја прави Библијата посебна? Зошто некои луѓе си го ризикувале и животот за неа? Има многу причини. Една е тоа што таа содржи мудри совети за животот и за нашиот однос со Бог. Освен тоа, Библијата ни ја кажува главната причина за страдањата и омразата меѓу луѓето. А што е најважно, во неа Бог ветува дека ќе им стави крај на сите проблеми, па дури и кажува како ќе го направи тоа.

Морален и духовен водич

Образованието е важно. Но, „образованието... кое додава титула до твоето име... не е гаранција дека ќе бидеш човек со морал“, рекол еден уредник на канадскиот весник Ottawa Citizen. И навистина, мнозина високо образовани луѓе, меѓу кои и врвни бизнисмени и политички лидери, лажат, прикриваат данок и крадат. Поради тоа, „сѐ повеќе луѓе губат доверба во нив“, како што покажало едно глобално истражување спроведено од Еделман, здружение за односи со јавноста.

За разлика од тоа, Библијата првенствено дава морално и духовно образование. Од неа учиме „што значи праведност и исправно просудување и справедливост, сето она што е на патот на добротата“ (Изреки 2:9). Да го земеме за пример 23-годишниот Стефан, * кој бил затвореник во Полска. Додека ја одлежувал затворската казна, почнал да ја проучува Библијата и да ги применува нејзините совети. „Сега разбирам што значи да се почитуваат родителите. Научив и да ги контролирам емоциите, особено гневот“, напишал тој (Ефешаните 4:31; 6:2).

Врз Стефан најмногу влијаеле зборовите запишани во Изреки 19:11: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“. Сега, кога ќе се најде под притисок да постапи како порано, Стефан најпрво смирено размислува кој библиски совет би му помогнал во таа ситуација. „Се уверив дека нема подобар животен водич од Библијата“, рекол тој.

Марија, која е Јеховин сведок, еднаш била јавно понижена и навредена од една жена со предрасуди. Марија не почнала да се расправа со неа, туку мирно си заминала. Подоцна жената се покајала што постапила така и решила да ги побара Јеховините сведоци. По околу еден месец, кога конечно ја пронашла Марија, ја прегрнала и од срце ѝ се извинила. Освен тоа, таа сфатила дека Марија успеала да остане смирена во една таква ситуација затоа што е Јеховин сведок. Како влијаело тоа врз неа? Оваа жена и пет членови на нејзиното семејство одлучиле да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци.

„Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“, рекол Исус Христос (Матеј 11:19). Библијата ја оправдала довербата на секој што побарал совет од неа! Таа го вади најдоброто од нас. Нејзините морални и духовни поуки му даваат „мудрост на неискусниот“, „го веселат срцето“, и им даваат „сјај на очите“ (Псалм 19:7, 8).

Ја открива причината за страдањата и омразата

Кога ќе дојде до епидемија, важно е да се открие причината за нејзината појава. Истото треба да го направиме и ако сакаме да откриеме зошто луѓето страдаат и живеат во немир и раздор. Во тоа ни помага Библијата, затоа што во неа е запишана најраната историјата на човештвото — моментот кога започнале сите наши проблеми.

Книгата 1. Мојсеева открива дека маките на човештвото започнале со побуната на првите луѓе против Бог. Меѓу другото, тие решиле сами да одлучуваат што е добро а што лошо, право кое му припаѓа само на оној што нѐ создал (1. Мојсеева 3:1-7). За жал, оттогаш наваму повеќето луѓе носат одлуки независно од Бог. До што довело тоа? Човечката историја е патепис за немири и страдања и за морален и духовен распад, а не за слобода и среќа (Проповедник 8:9). Сосема е точно она што стои во Библијата: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Но, има и добра вест. Катастрофалниот обид на човештвото да биде независно од Бог наскоро ќе заврши.

Библијата дава надеж

Библијата нѐ уверува дека Бог ги сака сите што го почитуваат неговиот авторитет и неговите мерила. Затоа тој нема вечно да ја трпи злобата која предизвикува толку многу страдања. Злобните луѓе „ќе ги јадат плодовите од својот пат“ (Изреки 1:30, 31). Од друга страна, „кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).

Бог сака „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4).

Бог ќе ја исполни својата намера да има мир на Земјата преку „Божјето царство“ (Лука 4:43). Тоа Царство ќе владее над целиот свет и ќе потврди дека Бог има право да биде Севишен Владетел. Исус рекол да го молиме Бог со зборовите: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја... на земјата“. Со тоа покажал дека Божјето Царство ќе владее над Земјата (Матеј 6:10).

Оние што ќе живеат под власта на Божјето Царство ќе ја вршат Божјата волја, затоа што се свесни дека единствено оној што нѐ создал има право да владее со нас, а не некој човек. Повеќе нема да има корупција, алчност, економски разлики, расни предрасуди и војни. Светот ќе биде обединет во буквална смисла на зборот, ќе има една влада за сите и за секого ќе важат истите морални и духовни мерила (Откровение 11:15).

За да живееме во новиот свет потребно е образование. Какво? Библијата вели дека Бог сака „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Вистината ги вклучува библиските учења за она што би можело да го наречеме устав на Божјето Царство — законите и начелата според кои тоа ќе владее. Некои од нив можеме да ги прочитаме во Проповедта на гората што ја кажал Исус (Матеј, поглавја 5-7). Додека ги читаш овие три поглавја, обиди се да си замислиш каков ќе биде животот кога секој човек на Земјата ќе постапува онака како што нѐ поучил Исус.

Дали треба да нѐ изненади тоа што Библијата е најиздаваната книга на светот? Ни најмалку! Во неа се запишани учењата од Бог. Тоа што се печати во огромен број покажува дека Бог сака луѓето од сите народи и јазици да научат повеќе за него и да живеат во прекрасното време кога со светот ќе владее Божјето Царство (Дела 10:34, 35).

^ пас. 11 Името е сменето.