ЛЕКЦИЈА 3
Како да бидат приспособливи
ШТО Е ПРИСПОСОБЛИВОСТ?
Оној што е приспособлив брзо застанува на нозе кога ќе му се случи нешто лошо или кога нешто ќе го исфрли од колосек. Оваа особина се учи со текот на времето. Исто како што детето не може да научи да оди без понекогаш да падне, тоа мора да сфати дека не може да биде успешно во животот без да доживее повремени падови и проблеми.
ЗОШТО ПРИСПОСОБЛИВОСТА Е ВАЖНА?
Некои деца се разочаруваат кога ќе доживеат неуспех, кога ќе се соочат со тешка ситуација или кога ќе добијат совет и исправка. Некои дури креваат раце од сѐ. Сепак, тие мора да сфатат дека:
-
Не е можно да бидеме успешни во сѐ што правиме (Јаков 3:2).
-
Кога-тогаш во животот, секој од нас ќе се соочи со проблеми (Проповедник 9:11).
-
За да се подобруваме, мора да бидеме спремни да прифаќаме совет и исправка (Изреки 9:9).
Ако научат да бидат приспособливи, децата ќе можат успешно да се справуваат со животните проблеми.
КАКО ДА ГИ НАУЧИШ ДЕЦАТА ДА БИДАТ ПРИСПОСОБЛИВИ
Кога детето ќе доживее некој неуспех.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане“ (Изреки 24:16).
Помогни му на детето да гледа урамнотежено на работите. На пример, што ќе направи ако добие слаба оценка по некој предмет? Би можело да се обесхрабри и да си рече: „Ништо не правам како што треба!“
За да го научиш да биде приспособливо, помогни му да размисли како може да се подобри следниот пат. На тој начин ќе се потруди да го реши проблемот наместо да се обвинува и да се чувствува лошо.
Но, внимавај да не ги земеш работите во свои раце. Наместо да му го решиш проблемот, помогни му самото да размисли што да направи. Можеш да го прашаш: „Што би можел да направиш за подобро да го разбереш она што го учиш?“
Кога ќе се случи нешто лошо.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“ (Јаков 4:14).
Животот е непредвидлив. Некој што е богат денес, утре може да осиромаши; некој што е здрав денес, утре може да се разболи. Библијата вели: „Трката не ја добиваат брзите, ни битката силните... зашто, Проповедник 9:11).
времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нив“ (Како родител, сигурно правиш сѐ што е во твоја моќ за да го штитиш твоето дете од опасности. Но, реално гледано, не е можно да го чуваш под стаклено ѕвоно за да го заштитиш од сите лоши работи што би можеле да му се случат.
На пример, ако се скара со некое другарче или, пак, ако почине некој во семејството, помогни му да се справи со тоа. Така ќе го научиш да се справува и со други поголеми проблеми кога ќе порасне, на пример, ако ја изгуби работата или има финансиски тешкотии. *
Кога детето ќе добие совет и исправка.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Слушај совет... за после да бидеш мудар“ (Изреки 19:20).
Кога некој ќе му даде совет и исправка на твоето дете, веројатно не го прави тоа за да го исплаши или повреди, туку за да му помогне да направи промена таму каде што треба.
Ако го поучиш детето да ги прифаќа таквите совети, тоа ќе биде добро и за тебе и за него. Еден татко по име Џон вели: „Ако секогаш ги средуваш работите кога твоите деца ќе згрешат, тие никогаш нема да си ја научат лекцијата. Само ќе влегуваат од еден проблем во друг, а ти ќе трчаш по нив за да го изгаснеш секој оган што ќе го запалат. Тоа ќе им го загорчи животот и на родителите и на децата“.
Како можеш да му помогнеш на детето да извлече корист од советите и исправките? Кога некој ќе го советува — било на училиште било во друга ситуација — не му кажувај дека тој совет не бил на место и дека не требало да му биде даден. Наместо тоа, би можел да го прашаш:
-
„Што мислиш, зошто ти го дадоа тој совет?“
-
„Како би можел да се подобриш?“
-
„Што ќе направиш кога следен пат ќе добиеш совет?“
Не заборавај, советите и исправките ќе му користат на детето — не само сега туку и кога ќе порасне.
^ пас. 21 Види ја статијата „Помогнете му на своето дете да преболи“ во Стражарска кула од 1 јули 2008.