Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каков е Бог?

Каков е Бог?

Колку повеќе дознаваме какви особини има некој толку подобро го познаваме како личност, и нашето пријателство може да стане поцврсто. Слично на тоа, колку повеќе дознаваме какви особини има Бог толку подобро го познаваме, и нашето пријателство со него може да стане поцврсто. Од сите убави особини што ги има Бог, четири се највпечатливи: неговата моќ, мудрост, правда и љубов.

БОГ Е МОЌЕН

„О Севишен Господару Јехова! Ти ги создаде небото и земјата со својата голема моќ“ (ЕРЕМИЈА 32:17).

Во творештвото се гледаат многу докази за Божјата моќ. На пример, што чувствуваш на кожата кога стоиш надвор во жежок летен ден? Топлината на Сонцето. Всушност, ги чувствуваш резултатите од моќта што Јехова ја има како Творец. Колкава енергија има Сонцето? Се смета дека температурата во неговото јадро изнесува околу 15 милиони Целзиусови степени. Секоја секунда Сонцето испушта енергија која е еднаква на енергијата што би се ослободила при експлозија на стотици милиони атомски бомби.

Сепак, Сонцето е мало во споредба со многу од милијардите ѕвезди кои постојат во вселената. Научниците проценуваат дека една од најголемите ѕвезди наречена UY Штит има околу 1.700 пати поголем дијаметар од Сонцето. Доколку оваа ѕвезда би била на местото на Сонцето, би ја проголтала Земјата и би се протегала подалеку и од орбитата на планетата Јупитер. Можеби ова ни помага подобро да ја разбереме изјавата на Еремија, кој напишал дека Јехова Бог ги создал небото и Земјата, односно целата вселена, со својата огромна моќ.

Како ни користи Божјата моќ? Нашиот живот зависи од сето она што го создал Бог, како што е Сонцето и сите други прекрасни работи што постојат на Земјата. Освен тоа, Бог ја користи својата моќ и да му помага на секој од нас лично. Како? Во првиот век, Бог му дал моќ на Исус да прави големи чуда. Во Библијата пишува: „Слепите гледаат, сакатите одат, лепрозните се очистуваат, глувите слушаат, мртвите стануваат“ (Матеј 11:5). А што прави Бог денес? Во Исаија 40:29, 31 пишува: „Тој му ја враќа силата на уморниот... Оние што се надеваат на Јехова добиваат нова сила“. Бог може да ни даде сила „која ја надминува нормалната“ за да можеме да се справиме со проблемите во животот и да истраеме во неволјите (2. Коринќаните 4:7). Зарем не би сакал да бидеш близок со еден таков Бог, кој од љубов ја користи својата безгранична моќ за наше добро?

БОГ Е МУДАР

„Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил“ (ПСАЛМ 104:24).

Колку повеќе учиме за Божјите созданија толку повеќе сме воодушевени од мудроста на Бог. Всушност, постои една научна гранка наречена биомимикрија, во која научниците ги изучуваат созданијата во природата и копираат некои нивни карактеристики за да ги подобрат своите производи. Сознанијата од овие истражувања се применуваат во изработката и конструирањето на најразлични производи — од лепак, па сѐ до авион.

Човечкото око е вистинско чудо

Најизвонреден пример за Божјата огромна мудрост е човечкото тело. Размисли за начинот на кој се развива едно бебе. Сѐ започнува од само една оплодена јајце-клетка, која ги содржи сите потребни генетски информации. Клетката се дели на многу клетки кои изгледаат слично. Но, токму во исправниот момент, од нив почнуваат да се создаваат околу 200 различни видови специјализирани клетки — крвни, нервни, коскени и други. По кратко време, се создаваат органските системи и почнуваат да функционираат. За само девет месеци, од една клетка се формира потполно развиено бебе, кое се состои од милијарди клетки. Мудроста која се гледа во начинот на кој е создадено човечкото тело поттикнува многумина да се согласат со зборовите на псалмистот: „Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден“ (Псалм 139:14).

Како ни користи Божјата мудрост? Творецот знае што ни е потребно за да бидеме среќни. Бидејќи поседува толку големо знаење и разбирање, тој ни дава мудри совети во својата Реч, Библијата. На пример, Бог нѐ поттикнува: „Спремно простувајте си еден на друг“ (Колошаните 3:13). Дали овој совет е мудар? Се разбира. Истражувањата покажуваат дека, ако некој има навика да простува, тоа може да му го подобри сонот и да му го намали крвниот притисок. Исто така, простувањето може да го намали ризикот од депресија и од други здравствени проблеми. Бог е како еден мудар и грижлив пријател кој секогаш е спремен да ни даде корисни и практични совети (2. Тимотеј 3:16, 17). Зарем не би сакал да имаш таков пријател?

БОГ Е ПРАВЕДЕН

„Јехова ја сака правдата“ (ПСАЛМ 37:28).

Бог секогаш го прави она што е праведно. Всушност, „не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно“ (Јов 34:10). Божјите пресуди се праведни. Ова го потврдил и псалмистот, кога во молитва му рекол на Јехова: „Ти ќе им судиш праведно на народите“ (Псалм 67:4). Бидејќи „го гледа она што е во срцето“, Јехова не може да биде прелажан од нечие лицемерство. Напротив, тој секогаш ја знае вистината и исправно ги проценува работите (1. Самоилова 16:7). Освен тоа, Бог е свесен за сите неправди и злодела кои се прават денес, и ветил дека наскоро „злите ќе бидат истребени од земјата“ (Изреки 2:22).

Сепак, Бог не е немилосрден судија кој едвај чека да казни некого. Тој покажува милост кога има основа за тоа. Од Библијата дознаваме дека „Јехова е милосрден и добар“, дури и кон злите кои искрено се каат. Зарем ова не е вистинска правда? (Псалм 103:8; 2. Петрово 3:9).

Како ни користи Божјата правда? Апостол Петар рекол: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Божјата правда ни користи затоа што Бог никогаш не е пристрасен. Тој може да нѐ прифати и можеме да му служиме без разлика на нашата раса, националност, образование или положба во општеството.

Бидејќи Бог е непристрасен, можеме да му служиме без разлика на нашата раса или положба во општеството

Бидејќи сака да ја разбереме неговата правда и да извлечеме корист од неа, Бог ни дал совест. Во Библијата, совеста е опишана како закон запишан во нашето срце кој сведочи за тоа дали она што го правиме е исправно или погрешно (Римјаните 2:15). Како ни користи совеста? Доколку е исправно обликувана, совеста може да нѐ спречи да постапуваме погрешно или неправедно. А ако згрешиме, може да нѐ поттикне да се покаеме и да се исправиме. Всушност, тоа што го разбираме Божјето чувство за правда многу ни користи и ни помага да се зближиме со него.

БОГ Е ЉУБОВ

„Бог е љубов“ (1. ЈОВАНОВО 4:8).

Како што видовме, Бог поседува моќ, мудрост и правда. Сепак, во Библијата не пишува дека Бог е моќ, мудрост или правда. Во неа пишува дека Бог е љубов. Зошто Библијата го вели ова? Затоа што моќта му овозможува на Јехова да дејствува, правдата и мудроста го водат начинот на кој дејствува, но љубовта е таа што го мотивира да дејствува. Сѐ што прави, прави од љубов.

Иако на Јехова ништо не му недостасувало, љубовта го поттикнала да создаде други суштества обдарени со разум, и на небото и на Земјата, на кои ќе им користи неговата љубов и грижа. Бог несебично ја подготвил Земјата да биде совршен дом за луѓето. И тој продолжува да им покажува љубов на сите луѓе така што „дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Матеј 5:45).

Освен тоа, „Јехова е полн со сочувство и милосрден“ (Јаков 5:11). Тој покажува љубов и сочувство кон оние што се искрени и преземаат чекори да го запознаат и да се зближат со него. Бог се грижи лично за секого од нив. Во Дела 17:27 пишува дека тој „не е далеку од никого од нас“.

Како ни користи Божјата љубов? Сигурно уживаме кога гледаме едно убаво зајдисонце, кога слушаме како некое бебенце се смее или кога некој од најблиските ни изразува љубов. Овие работи не ни се неопходни, но неизмерно ни го збогатуваат животот.

Уште еден израз на Божјата љубов е молитвата. Таа многу ни користи. Библијата нѐ поттикнува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“. Како еден грижлив татко, Јехова сака да бараме помош од него за сѐ што нѐ мачи и загрижува. Затоа што чувствува несебична љубов кон нас, тој ветува дека ќе ни го даде „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:6, 7).

Дали ова што го разгледавме досега во врска со Божјите главни особини — моќта, мудроста, правдата и љубовта — ти помогна да добиеш поточна слика за тоа каков е Бог? Можеш да го запознаеш уште подобро ако дознаеш што направил тој и што уште ќе направи за тебе.

КАКОВ Е БОГ? Јехова поседува поголема моќ, мудрост и правда од кој и да е друг. Но, љубовта е неговата највпечатлива особина