Ако те изневерил брачниот другар
НЕВЕРСТВОТО на брачниот другар претставува тежок удар. Точно, некои успеваат да му простат на сопружникот кој се кае поради тоа, и повторно да ја вратат изгубената доверба. a Сепак, сеедно дали бракот ќе опстане или не, оној што ќе дознае дека брачниот другар го изневерил чувствува неопислива болка. Што може да му помогне да се справи со таквите болни чувства?
БИБЛИСКИ СТИХОВИ ШТО МОЖАТ ДА ТИ ПОМОГНАТ
Иако биле скршени од болка, многу изневерени сопружници нашле утеха во Библијата. Тие сфатиле дека Бог ги гледа нивните солзи и дека ја разбира нивната болка (Малахија 2:13-16).
„Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата“ (Псалм 94:19).
„Кога го читав овој стих, чувствував дека Јехова, како грижлив татко, нежно ми ги превива раните“, вели Бил.
„Со верниот ти постапуваш верно“ (2. Самоилова 22:26).
„Маж ми беше неверен“, вели Кармен, чиј сопруг ја изневерувал со месеци. „Но, бев сигурна дека Јехова ќе ми биде верен. Знаев дека тој никогаш нема да ме остави.“
„Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби... изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца“ (Филипјаните 4:6, 7).
„Ги читав овие стихови одново и одново“, вели една жена по име Саша. „Постојано му се молев на Бог, и тој ми даваше мир и спокојство.“
На сите лица што ги цитиравме, понекогаш им доаѓало да кренат раце од сѐ. Сепак, тие имале доверба во Јехова Бог и црпеле сила од неговата Реч. Бил вели: „Кога ми се чинеше дека ми се сруши целиот свет, верата во Бог ми даде сила да издржам. Иако некое време чекорев низ ’долината на густата темнина‘, тој беше со мене“ (Псалм 23:4).
a Нешто повеќе за тоа дали да се прости или не во ваков случај има во воведните статии во Разбудете се! од 8 август 1999, со наслов „Кога брачниот другар е неверен“.