Дали сте знаеле?
Зошто било добро тоа што Јехова им дозволил на Израелците да принесуваат како жртва или грлици или гулаби?
СПОРЕД Мојсеевиот закон, како жртва за Јехова, Израелците можеле да принесат или грлици или гулаби. Во законите поврзани со жртвите, овие два вида птици секогаш се спомнувале заедно, и можело да се принесат или грлици или гулаби (3. Мој. 1:14; 12:8; 14:30). Зошто ова било добро? Една причина е затоа што грлиците не биле секогаш лесно достапни.
Грлиците се птици преселници кои живеат во Израел во текот на потоплите месеци. Секој октомври, тие се преселуваат во потоплите земји на југ, а напролет се враќаат во Израел (Песна 2:11, 12; Ерем. 8:7). Поради ова, за Израелците од минатото не било лесно за време на зимскиот период да принесат грлици како жртва.
Од друга страна, гулабите обично не се преселуваат и затоа биле достапни во Израел преку целата година. Освен тоа, гулабите биле припитомени. (Спореди со Јован 2:14, 16.) Според една книга во врска со растенијата и животните кои се спомнати во Библијата, „во сите села и градови во Палестина имало припитомени гулаби. Секоја куќа имала гулабарник, односно дупка во ѕидот, каде што птиците можеле да живеат“ (Bible Plants and Animals). (Спореди со Исаија 60:8.)
Со тоа што им дозволил на Израелците да принесуваат како жртва птици кои биле лесно достапни во текот на целата година, Јехова покажал дека е полн со љубов и разумен.