Содржината на еден древен свиток е разоткриена
Јагленосаниот фрагмент од Ен Геди не можел да биде прочитан од 1970 год., кога бил пронајден. 3D скенирањето откри дека овој свиток содржи дел од 3. Мојсеева, во кој се наоѓа Божјето име.
ВО 1970 год., археолозите откопале јагленосан свиток во Ен Геди (Израел), во близина на западниот брег на Мртвото Море. Тие го откриле свитокот додека вршеле ископување на една синагога. Таа била запалена кога селото било уништено, веројатно во шестиот век од нашата ера. Бидејќи свитокот бил во многу лоша состојба, неговата содржина не можела да се прочита. Тој не можел ниту да се одвитка без да се оштети. Но, со помош на технологија за тродимензионално (3D) скенирање, стручњаците успеале да го „одвиткаат“ свитокот. А со помош на една нова компјутерска програма за дигитални слики, неговата содржина може да се прочита.
Што открило скенирањето? Содржината на свитокот е библиски текст. На остатоците од овој свиток се наоѓаат стихови од почетокот на библиската книга 3. Мојсеева. Овие стихови го содржат Божјето име на хебрејски јазик, запишано со четирите хебрејски букви познати како тетраграм. Се чини дека откритието датира од периодот меѓу втората половина на првиот век од нашата ера и четвртиот век од нашата ера. Значи, ова е најстариот свиток од Библијата на хебрејски јазик кој е пронајден по откривањето на свитоците од Мртвото Море (Кумран). Гил Зохар во весникот The Jerusalem Post напишал: „Сѐ додека не успеавме да го прочитаме фрагментот од 3. Мојсеева што беше пронајден во Ен Геди, постоеше временски јаз од илјада години меѓу свитоците од Мртвото Море, кои датираат од периодот пред уништувањето на вториот храм, и средновековниот Кодекс Алепо, кој датира од 10 век од нашата ера“. Според стручњаците, текстот на овој свиток покажува дека масоретскиот текст на Тората * „бил верно сочуван со илјадници години, и дека грешките на препишувачите не го измениле текстот“.
^ пас. 4 Евреите ги нарекуваат Тора првите пет книги од Библијата (од 1. Мојсеева до 5. Мојсеева)