Дали сте знаеле?
Како луѓето во библиски времиња ги одредувале годините и месеците?
ЗА ЕВРЕИТЕ кои живееле во Ветената земја, годината почнувала во периодот кога орале и сееле, што денес одговара на месеците септември/октомври.
Една година според лунарниот, односно месечевиот календар кој се состои од 12 месеци (од кои секој има по 29 или 30 дена) е пократка од една година според соларниот, односно сончевиот календар. Затоа луѓето користеле различни методи за да ги усогласат овие различни начини на пресметување на времето. Тие го правеле тоа така што додавале денови или повремено додавале цел месец, можеби на почетокот од следната година. На тој начин, календарот се совпаѓал со сезоните за садење и жнеење.
Но, во времето на Мојсеј, Бог им кажал на Израелците првиот месец од годината да биде авив, или нисан, што денес одговара на месеците март/април (2. Мој. 12:2; 13:4). Во месецот нисан се одржувал еден празник на Израелците кога тие требало да му ги принесат на Јехова првините од јачменот (2. Мој. 23:15, 16).
Во една своја книга, изучувачот Емил Ширер напишал: „Правилото според кое се одредувало дали да се вметне дополнителен месец во календарот било многу едноставно. Пасхата, која мора да се одбележи на полна месечина во месецот нисан (14 нисан) мора секогаш да падне по пролетната рамноденица... Затоа, ако кон крајот на годината се забележало дека Пасхата би паднала пред пролетната рамноденица, било одлучувано да се додаде [13-ти] месец пред нисан“ (The History of the Jewish People in the Age of Jesus Christ, 175 B.C.-A.D. 135).
Јеховините сведоци го користат ова правило кога одредуваат кој датум би бил соодветен за Господаровата вечера, која се одбележува на пролет и се совпаѓа со 14 нисан од еврејскиот календар. Собранијата низ целиот свет однапред добиваат известување за овој датум.
Но, како Евреите знаеле кога ќе заврши еден месец и кога ќе почне нов месец? Денес би можел лесно тоа да го провериш на некој отпечатен календар или на календарот на твојот електронски уред. Но, во библиски времиња тоа не било толку едноставно.
Во времето на Ное, еден месец бил долг 30 дена (1. Мој. 7:11, 24; 8:3, 4). Подоцна, кај Евреите еден календарски месец не траел секогаш 30 дена. За нив месецот почнувал веднаш штом ќе можела да се види младата месечина. Тоа се случувало 29 или 30 дена по почетокот на претходниот месец.
Во една прилика, во врска со почетокот на еден нов месец, и Давид и Јонатан кажале: „Утре е млада месечина“ (1. Сам. 20:5, 18). Според тоа, се чини дека, до 11 век пр.н.е., Израелците веќе почнале однапред да пресметуваат кога ќе започнел следниот месец. Но, како еден обичен Израелец можел да знае кога ќе започне нов месец? Некои информации за тоа има во Мишната, збирка од еврејски усни закони и преданија. Од неа дознаваме дека, откако Евреите се вратиле од изгнанството во Вавилон, во пресметувањето на месеците бил вклучен Синедрионот, еврејскиот врховен суд. Во текот на седумте месеци во кои се одржувале празниците, Судскиот совет се состанувал на 30-тиот ден од месецот. Овие мажи имале одговорност да одредат кога ќе започнел следниот месец. Како го одредувале ова?
Мажите кои биле поставени на височинки околу Ерусалим го набљудувале ноќното небо за веднаш да го забележат појавувањето на младата месечина. Потоа, тие брзо го известувале Судскиот совет за тоа. Кога мажите од овој Совет сметале дека имаат доволно докази дека е забележана младата месечина, го објавувале почетокот на новиот месец. Но, што доколку, поради облаци или магла, не можела да се види младата месечина? Тогаш било објавувано
дека тековниот месец има 30 дена, а дека следниот ден ќе започне нов месец.Во Мишната е објаснето дека одлуката на Судскиот совет била објавувана така што се палел оган на врвот на Маслинската Гора, близу до Ерусалим. За да се прошири таа вест, биле палени огнови на високи места низ целиот Израел. Подоцна, за таа цел биле испраќани гласници. На тој начин, Евреите кои живееле во Ерусалим и на други места можеле да знаат дека започнал нов месец. Така сите можеле да ги прославуваат годишните празници во исто време.
Следната табела може да ти помогне да разбереш како еврејските месеци, празници и годишни времиња биле меѓусебно поврзани.