Можеш ли да го запознаеш Бог по име?
Можеш ли да го запознаеш Бог по име?
Голема чест е да те повикаат да се поздравиш со некоја значајна личност и да ѝ се обратиш по име. Видните личности честопати се ословуваат со титули, како што се „Господине Претседателе“, „Ваше Височество“ или „Почитуван/-а“. Затоа, ако некој што е на висока положба ти рече: „Те молам, обраќај ми се по име“, сигурно би се чувствувал многу почестен.
ВО СВОЈАТА пишана Реч, Библијата, вистинскиот Бог ни го кажува следново: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име“ (Исаија 42:8). Иако има и многу титули, како што се „Творец“, „Семоќен“ и „Севишен Господар“, тој секогаш им укажувал чест на своите верни слуги со тоа што им дозволувал да му се обраќаат со неговото лично име.
На пример, пророкот Мојсеј во една прилика го молел Бог со зборовите: „Прости Јехова“ (2. Мојсеева 4:10). Кога бил свечено пуштен во употреба храмот во Ерусалим, цар Соломон ја започнал својата молитва велејќи: „Јехова“ (1. Царевите 8:22, 23). А кога пророкот Исаија му се обратил на Бог во името на сиот израелски народ, рекол: ‚Ти Јехова, сепак си наш Татко‘ (Исаија 63:16). Јасно е дека нашиот небесен Татко нѐ повикува да му се обраќаме по име.
Точно е дека е важно да му се обраќаме на Јехова по име, но самото тоа не значи дека вистински го познаваме. Еве што ветува Јехова дека ќе направи за секој човек што го сака и што има доверба во него: „Ќе го заштитам, бидејќи го познава моето име“ (Псалм 91:14). Значи, за да ја имаме Божјата заштита, треба да го знаеме неговото име, а во тоа се вклучени многу работи. Според тоа, што треба да направиш за да го запознаеш Јехова по име?