РАЗГОВОР НА БИБЛИСКИ ТЕМИ
Дали на Бог му е сеедно што страдаме?
Следи типичен разговор на еден Јеховин сведок со некој станар. Да речеме дека Марија, која е Јеховин сведок, отишла кај една жена по име Софија.
ЗОШТО БОГ ДОЗВОЛИ ТАКВО НЕШТО?
Марија: Денес на сите им го оставам овој трактат со наслов Сакаш ли да ја дознаеш вистината? Повелете, ова е за вас.
Софија: Дали има некаква врска со религија?
Марија: Да. Како што можете да видите, овде има шест прашања. Кое од нив...
Софија: Извинете, мора да Ве прекинам. Само си го губите времето со мене.
Марија: Зошто мислите така?
Софија: Затоа што јас не верувам во Бог.
Марија: Ја ценам Вашата искреност. Дали отсекогаш не сте верувале во Бог?
Софија: Не, порано одев во црква, но веќе одамна престанав.
Марија: Извинете, не Ви се претставив. Јас сум Марија.
Софија: Мило ми е, јас сум Софија.
Марија: Ако не Ви пречи, може ли да прашам зошто престанавте да верувате во Бог?
Софија: Пред седумнаесет години мајка ми имаше сообраќајка.
Марија: Многу ми е жал. Дали беше повредена?
Софија: Оттогаш е во инвалидска количка.
Марија: Мора да Ви е многу тешко.
Софија: Да. Ако постои Бог, зошто дозволи да се случи тоа? Со што заслуживме толку да страдаме?
ДАЛИ Е ПОГРЕШНО ДА СЕ ПРАШУВАШ ЗОШТО?
Марија: Сосема е разбирливо што се чувствувате така. Кога ќе нѐ погоди некоја трагедија, нормално е да се прашуваме зошто ни се случило тоа. Замислете, во Библијата е запишано дека дури и некои верни луѓе ги мачело истото прашање.
Софија: Навистина?
Марија: Да. Може ли да Ви прочитам за еден таков пример?
Софија: Може.
Марија: Видете какво прашање му поставил на Бог еден верен човек кој се викал Авакум. Во 1. поглавје, стихови 2 и 3 од неговата книга, тој напишал: „До кога, Јехова, ќе викам за помош, а ти нема да слушаш? До кога ќе те викам на помош поради насилството, а ти нема да спасиш? Зошто ме тераш да гледам зло?“ Овие прашања се слични на прашањата што ги поставивте Вие, нели?
Софија: Да.
Марија: Бог не му се налутил на Авакум што ги поставил тие прашања. Исто така, не му рекол дека има слаба вера.
Софија: Интересно.
ЈЕХОВА ГИ МРАЗИ СТРАДАЊАТА
Марија: Библијата покажува дека Бог знае кога ни е тешко и воопшто не му е сеедно поради тоа.
Софија: Како мислите?
Марија: Еден пример за тоа е запишан во 2. Мојсеева 3:7. Дали сакате Вие да прочитате?
Софија: Може. „А Јехова продолжи: ‚Ја видов неволјата на мојот народ во Египет чув како се жалат од оние што ги тераат на работа и добро ги знам нивните болки‘.“
Марија: Фала. Според овие зборови, што би рекле, дали Бог гледа кога луѓето страдаат?
Софија: Така излегува.
Марија: Но, Бог не е само нем набљудувач. Да прочитаме уште еднаш како се изразил во последниот дел од библискиот стих. Тој рекол: „Добро ги знам нивните болки“. Дали овие зборови би ги кажал еден незаинтересиран, бесчувствителен Бог?
Софија: Не.
Марија: Се разбира, едно е некој да е свесен во каква ситуација сме, но сосема друго е да му е жал заради она што ни се случува.
Софија: Така е.
Марија: Во врска со тоа, да прочитаме за една ситуација кога Божјиот народ страдал. Тоа е запишано во Исаија 63:9. Првиот дел од овој стих гласи: „Во сите нивни неволји тој чувствуваше болка“. Ова јасно покажува дека Бог го болело кога страдал неговиот народ, нели?
Софија: Да.
Марија: Значи, Бог многу нѐ сака и ги мрази страдањата. Кога нас ни е тешко, и нему му е тешко.
ЗОШТО НЕ НАПРАВИ НЕШТО?
Марија: Пред да си одам, би сакала да Ви прочитам уште една мисла.
Софија: Во ред.
Марија: Видете што ни кажува Библијата за моќта на Бог. Тоа е запишано во Еремија 10:12. Дали би сакале и овој стих да го прочитате Вие?
Софија: Тука пишува: „Тој ја направи земјата со својата сила ја зацврсти плодната почва со својата мудрост и ги распна небесата со својата разборитост“.
Марија: Фала. Да размислиме малку за ова. Зар Бог не треба да има огромна моќ за да ја создаде бескрајната вселена и сѐ што е во неа?
Софија: Секако.
Марија: Ако Бог може да создаде сѐ, тогаш сигурно може и да му стави крај на злото.
Софија: Логично.
Марија: Сега помислете на својата мајка. Зошто Ви е тешко да гледате како страда?
Софија: Затоа што ми е мајка и ја сакам.
Марија: А кога би имале моќ да ја излекувате, дали веднаш би го направиле тоа?
Софија: Се разбира.
Марија: Како што видовме, Библијата кажува дека Бог гледа кога страдаме, дека ја чувствува нашата болка и дека има неограничена моќ. Тогаш, можете ли да си замислите колку многу треба да се воздржува за да не им стави веднаш крај на сите наши страдања?
Софија: Не сум помислила на ова досега.
Марија: Можно ли е Бог да има силна причина поради која сѐ уште не им става крај на нашите проблеми? *
Софија: Хм, би требало.
Марија: Слушам дека телефонот Ви ѕвони. Ако не Ви пречи, ќе поминам другпат за да го продолжиме разговорот.
Софија: Слободно дојдете. *
Дали имаш прашање за кое сакаш да дознаеш каков одговор дава Библијата? Дали сакаш да дознаеш нешто повеќе за Јеховините сведоци и нивните верувања? Тогаш, следниот пат кога ќе сретнеш некој од нив, слободно прашај го сѐ што те интересира. Сигурно со задоволство ќе ти одговори.
^ пас. 59 Нешто повеќе можеш да прочиташ во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
^ пас. 62 Во некоја следна статија од оваа рубрика ќе биде даден одговорот на прашањето зошто Бог ги допушта страдањата.