Одговор на библиски прашања
Дали е можно да живееме вечно?
Првиот човек, Адам, живеел со векови. Но, со текот на времето остарел и умрел. Оттогаш, луѓето на различни начини се обидуваат да останат млади. Сепак, никој не успеал да ѝ побегне на смртта. Зошто? Адам остарел и умрел поради тоа што бил непослушен и му згрешил на Бог. Ние старееме затоа што од Адам сме ги наследиле гревот и смртта. (Прочитај 1. Мојсеева 5:5; Римјаните 5:12.)
За да имаме вечен живот, потребно е некој да плати откупнина за нас (Јов 33:24, 25). Откупнина е цената што се плаќа за некој да биде ослободен, а ние треба да бидеме ослободени од смртта (2. Мојсеева 21:29, 30). Исус ја платил таа цена со тоа што умрел за нас. (Прочитај Јован 3:16.)
Како можеме да добиеме вечен живот?
Нема сите луѓе да бидат ослободени од болестите и стареењето. Всушност, оние што не му се послушни на Бог, како Адам, ќе ја изгубат можноста да живеат. Само луѓето на кои им се простени гревовите ќе можат да живеат вечно. (Прочитај Исаија 33:24; 35:3-6.)
За да ни бидат простени гревовите, мора и ние да направиме нешто. Треба да го запознаеме Бог така што ќе ја проучуваме неговата Реч, Библијата. Од неа ќе научиме како да имаме посреќен живот уште сега и како да ја стекнеме Божјата милост за да добиеме вечен живот во иднина. (Прочитај Јован 17:3; Дела 3:19.)