ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Порнографијата — безопасна или отровна?
Светот денес е преплавен со порнографија. * Ја има во рекламите, модата, филмовите, музиката, списанијата, телевизијата, видеоигрите, електронските уреди, мобилните телефони, интернет-страниците и онлајн сервисите за споделување фотографии. Изгледа дека порнографијата станува нормален дел од денешното општество. Сѐ поголем број луѓе во сѐ поголем број земји се изложуваат на порнографија повеќе од кога и да било порано. (Види ја рамката „Факти во врска со порнографијата“.)
Се менува и содржината на порнографијата. Професор Гејл Дајнс пишува: „Денес сцените се многу експлицитни и она што некогаш се сметаше за тврда сега се смета за мека порнографија“.
Како гледаш на ваквите промени? Дали порнографијата е безопасна забава или смртоносен отров? Исус рекол: „Секое добро дрво дава добар плод, а секое гнило дрво дава безвреден плод“ (Матеј 7:17). Какви се плодовите, односно последиците од порнографијата? За да дознаеме, треба да одговориме на некои основни прашања во врска со неа.
Како влијае порнографијата врз поединецот?
ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ: Порнографијата создава голема зависност. Некои истражувачи и терапевти ја споредуваат дури и со зависност од дрога.
Брајан, * кој станал зависник од порнографија на Интернет, вели: „Ништо не можеше да ме запре. Бев како хипнотизиран. Од чувство на вина, буквално се тресев и имав силни главоболки. Водев борба да престанам да гледам порнографија, но дури и по неколку години сѐ уште бев зависник од неа“.
Луѓето кои се зависници од порнографија често го кријат својот порок и пред другите се таинствени и неискрени. Затоа, не е ништо чудно што многумина се мачат со чувства на осаменост, срам, вознемиреност, депресија и гнев. Понекогаш дури и помислуваат на самоубиство. „Почнав да мислам само на себе и паднав во очај“, вели Серге, кој речиси секој ден симнувал порнографски материјал на својот мобилен телефон. „Се чувствував безвреден, виновен, осамен и фатен во стапица. Ми беше премногу срам и страв да побарам помош“.
Дури и краткотрајниот или случаен контакт со порнографијата може да има лоши последици. Кога сведочела пред комисија на Американскиот Сенат, др. Џудит Реисман, која спроведува истражувања на темата порнографија, рекла: „Порнографските слики се врежуваат во умот и го менуваат. Тие веднаш оставаат несвесна, но длабока биохемиска трага во меморијата, која тешко може или воопшто не може да се избрише“. Сузан (19), која порано гледала порнографски интернет-страници, вели: „Тие слики ми се длабоко врежани во мозокот. Сосема неочекувано ми се појавуваат пред очи. Ми се чини дека никогаш нема да можат сосема да се избришат“.
ЗАКЛУЧОК: Порнографијата ги заробува луѓето и има погубно влијание врз своите жртви (2. Петрово 2:19).
Како влијае порнографијата врз семејствата?
ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ: „Порнографијата уништува семејства“ (The Porn Trap од Венди и Лари Молц).
Порнографијата ги поткопува браковите и семејствата на тој начин што:
-
Ги руши довербата, блискоста и љубовта во бракот (Изреки 2:12-17).
-
Води до себичност, како и до емоционална отуѓеност и незадоволство од брачниот партнер (Ефешаните 5:28, 29).
-
Буди изопачени сексуални фантазии и желби (2. Петрово 2:14).
-
Го наведува зависникот да го присилува својот сопружник на перверзни полови односи (Ефешаните 5:3, 4).
-
Води до емоционално и физичко неверство (Матеј 5:28).
Библијата ги советува брачните другари да не се изневеруваат (Малахија 2:16). Неверството може да го растури бракот и да води до одвојување и развод, кој се одразува лошо врз децата.
Порнографијата може да им наштети на децата на уште еден начин. Брајан објаснува: „Кога имав 10 години, додека си играв криенка случајно ги најдов порнографските списанија на татко ми. Почнав тајно да ги гледам, иако не разбирав потполно зошто тие слики ме привлекуваа. Тоа ми премина во лоша навика на која ѝ робував дури и кога станав возрасен“. Истражувањата покажуваат дека порнографијата може да ги наведе тинејџерите да станат сексуално активни на помала возраст, да менуваат повеќе партнери, да станат сексуално насилни, како и емоционално и психички нестабилни личности.
ЗАКЛУЧОК: Порнографијата ја труе љубовта во семејството и предизвикува длабока болка (Изреки 6:27).
Какво гледиште има Бог за порнографијата?
БОЖЈАТА РЕЧ ВЕЛИ: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Колошаните 3:5).
Едноставно речено, Јехова * Бог ја мрази порнографијата. Тоа не значи дека има нешто против сексот. Бог ги создал луѓето со сексуални желби за да можат брачните партнери да се зближат меѓусебе и да имаат деца (Јаков 1:17).
Тогаш, зошто Јехова толку ја осудува порнографијата? Да наведеме неколку причини:
-
Знае дека порнографијата може да има погубно влијание врз нечиј живот (Ефешаните 4:17-19).
-
Од љубов кон нас сака да нѐ заштити (Исаија 48:17, 18).
-
Јехова сака браковите и семејствата да опстојат (Матеј 19:4-6).
-
Сака да бидеме морално чисти и да ги почитуваме правата на другите (1. Солуњаните 4:3-6).
-
Сака да имаме ценење за нашите репродуктивни способности и да не ги злоупотребуваме (Евреите 13:4).
-
Јехова знае дека порнографијата го одразува расипаното, себично, сатанско гледиште за сексот (1. Мојсеева 6:2; Јуда 6, 7).
ЗАКЛУЧОК: Порнографијата го расипува пријателството со Бог (Римјаните 1:24).
Меѓутоа, Јехова има големо сочувство кон оние што сакаат да се оттргнат од канџите на порнографијата. Во Библијата пишува: „Јехова е милосрден и добар, бавен на гнев и полн со милост. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:8, 14). Бог ги повикува понизните да му се обратат за да добијат од него ‚милосрдие и незаслужена доброта кога ќе им треба помош‘ (Евреите 4:16; види ја рамката „Како да се прекине со порнографијата“.)
Многу лица ја прифатиле Божјата помош. Со каков резултат? Обрни внимание што вели Библијата за некои што ги победиле своите пороци: „Испрани сте, посветени, прогласени сте за праведни во името на нашиот Господар Исус Христос и со духот на нашиот Бог“ (1. Коринќаните 6:11). Таквите поединци се согласуваат со зборовите на апостол Павле: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13).
Сузан, која се ослободила од канџите на порнографијата, вели: „Само Јехова може да ти помогне да ја победиш оваа навика. Ако го молиш за помош, ќе можеш повторно да бидеш чист во негови очи. Тој нема да те разочара“.
^ Изразот „порнографија“ се однесува на сите материјали во кои отворено се прикажуваат еротски сцени со цел да се разбуди фантазијата на читателите, слушателите или гледачите. Може да вклучува филмови, слики, текстови, аудиоснимки и телефонски разговори.
^ Имињата во оваа статија се сменети.
^ Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.