Префрли се на текстот

Со кого се оженил Каин?

Со кого се оженил Каин?

Што вели Библијата:

 Каин, кој бил најстарото дете на првите маж и жена, се оженил или со некоја од своите сестри или, пак, со некоја блиска роднина. До овој заклучок доаѓаме на темел на она што Библијата го кажува во врска со Каин и неговото семејство.

Некои информации за Каин и неговото семејство

  •   Сите луѓе потекнуваат од Адам и Ева. Библијата вели: „[Бог] од еден човек [Адам] го направи целиот човечки род за да живее по целото лице на земјата“ (Дела 17:26). Ева, жената на Адам, станала „мајка на сите живи“ (1. Мојсеева 3:20). Според тоа, Каин мора да стапил во брак со жена која била потомок на Адам и Ева.

  •   Каин и неговиот брат Авел биле први од многуте деца што ѝ се родиле на Ева (1. Мојсеева 4:1, 2). Кога Каин бил протеран поради тоа што го убил својот брат, тој се жалел: „Секој што ќе ме најде сигурно ќе ме убие“ (1. Мојсеева 4:14). Од кого се плашел Каин? Библијата вели дека на Адам му се родиле „и други синови и ќерки“ (1. Мојсеева 5:4). Веројатно другите потомци на Адам и Ева претставувале опасност за Каин.

  •   На почетокот од човечката историја, да се стапи во брак со роднина било нешто нормално. На пример, Авраам, верен слуга на Бог, се оженил со својата полусестра (1. Мојсеева 20:12). Дури со векови подоцна, Бог во Мојсеевиот закон забранил брак меѓу блиски роднини (3. Мојсеева 18:9, 12, 13). По сѐ изгледа, децата што се раѓале во почетокот на човечката историја не биле толку подложни на вродени аномалии како што тоа е случај денес.

  •   Библијата го прикажува извештајот за Адам, Ева и нивното семејство како вистински настан. Детални родословија во кои се спомнува секое колено, сѐ до Адам, може да се најдат не само во библиската книга Прва Мојсеева туку и во записите на библиските писатели Езра и Лука (1. Мојсеева 5:3-5; 1. Летописи 1:1-4; Лука 3:38). Кога се осврнуваат на извештајот за Каин, библиските писатели го прикажуваат како вистински настан (Евреите 11:4; 1. Јованово 3:12; Јуда 11).