МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Зошто е добро да им помагам на другите?
Две вистини кои многу луѓе не ги знаат
Вистина #1: Доброто со добро се враќа!
Луѓето ќе видат дека си спремен да помогнеш. Затоа, и тие најверојатно ќе ти помогнат тебе. Во Библијата пишува:
„Давајте, и ќе ви се даде... со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Лука 6:38).
Вистина #2: Кога им помагаш на другите, си помагаш и себеси!
Кога правиш добри работи за другите, стекнуваш поголема самопочит и се чувствуваш радосен. Во Библијата стои:
„Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
„Кога приредуваш гозба, покани ги сиромашните, сакатите, куците и слепите. И ќе бидеш среќен, бидејќи тие немаат со што да ти возвратат“ (Лука 14:13, 14).
Млади кои им помагаат на другите
Има многу млади кои сакаат да им помагаат на другите. Прочитај што велат некои од нив.
„Понекогаш кога сакам само да си седам и да гледам телевизија, помислувам на мајка ми и татко ми, кои работат и се уморни кога ќе се вратат дома. Затоа, станувам и ги мијам садовите, чистам со правосмукалка и бришам прашина. Исто така, правам кафе затоа што знам дека моите родители многу сакаат да пијат кафе. Кога мајка ми ќе се врати дома, вели: ,Леле колку е чисто! А и нешто убаво ми мириса. Фала ти многу душичке‘. Секогаш се чувствувам убаво кога правам нешто добро за моите родители“ (Кејси).
„Моите родители секогаш се тука за мене и се грижат да имам сѐ што ми е потребно. Затоа, кога им се расипа колата минатата година, јас им дадов пари за поправката иако требаше да ги дадам речиси сите пари што ги имав заштедено. Се разбира, тие не сакаа да прифатат, но јас бев решена да им помогнам. Татко ми и мајка ми заслужуваат многу повеќе од тоа. Се чувствував убаво затоа што можев да направам нешто за нив“ (Холи).
Дали си знаел? Многу млади кои се Јеховини сведоци се радосни затоа што им помагаат на другите луѓе да дознаат нешто повеќе за Бог и за Библијата. За да го прават тоа во уште поголема мера, некои од нив дури се преселиле во друга земја.
„Се преселив од САД во Мексико за да ги поучувам другите за Библијата. Бидејќи немам многу во финансиски поглед, не можам често да им давам пари или подароци на другите. Но, сфатив дека луѓето повеќе ценат кога некој им посветува време и внимание, отколку кога им дава материјални работи“ (Иван).
Како можам да им помагам на другите?
Би сакал ли и ти да ја почувствуваш радоста што доаѓа од давањето? Еве неколку предлози.
На твоето семејство:
Исчисти со правосмукалка, измиј ги садовите, или среди ја собата — без некој да ти каже
Зготви нешто за јадење
Заблагодари им се на родителите така што ќе им напишеш картичка
Помогни им на брат ти или сестра ти околу домашната задача
На другите:
Напиши му картичка на некој што е болен
Помогни му на некој постар сосед околу средувањето на дворот
Посети некој што е болен и не може да излегува од дома
Дај му подарок на некој што минува низ тежок период
Предлог: Размисли што друго би можел да направиш. Потоа постави си цел да ѝ помогнеш барем на една личност оваа седмица. Ќе се изненадиш колку убаво ќе се чувствуваш!
„Кога им помагаш на другите, и ти си посреќен. Сфаќаш дека си направил нешто вредно и гледаш дека и другите го ценат тоа. Можеби нема да ти се верува, ама помагањето на другите може да биде и забавно. На крај, можеби ќе увидиш дека она што си го направил за некого е ситница во споредба со она што си го добил ти“ (Алана).